КЛУБОТ НА ДЕЈВИД БЕКАМ КОНЕЧНО ЗАИГРА ВО АМЕРИКАНСКАТА ФУДБАЛСКА ЛИГА

Мајами, (Би-Би-Си)

Интер Мајами, новиот клуб на Дејвид Бекам, го имаше долгоочекуваното деби во Американската професионална фудбалска лига (МЛС), при што беше поразен од Лос Анџелес со 1:0.

Бившиот капитен на Англија имаше голема улога во создавањето на клубот и сега е еден од сопствениците и претседател за фудбалски операции. Тој го гледаше првиот меч на својот нов клуб заедно со сопругата Викторија и со синот Бруклин.

„Ова е горд момент за нашиот клуб. Ова беше долго патување, но е само почеток. Пред нас се возбудливи времиња“, изјави Бекам, кој пет години играше во МЛС.

Кога Бекам потпиша за Лос Анџелес галакси во 2007 година, договорот му нудеше опција да купи фудбалска франшиза во иднина. Тој ја активираше оваа опција пред шест години, но му требаше долго време да го покрене тимот поради проблемите околу локацијата на стадионот. До 2022, Интер ќе игра на 50 километри од Мајами.

На првиот меч на Интер Мајами дојдоа и актерките Лив Тајлер и Ева Лонгорија

„Во ниеден момент не помислував да се откажам, но имаше моменти кога мислев дека ова можеби нема да успее“, кажа Бекам.

Интер е последниот во долгата низа клубови од Флорида кој ќе се обиде да успее во МЛС, вклучувајќи го и Мајами фјужн, кој играше од 1998 до 2001 година.