Пеп Гвардиола вчера го освои 29. трофеј како тренер откако Манчестер сити ја победи Астон вила со 2:1 во финалето на англискиот Лига куп.
Тоа се импресивни бројки за Шпанецот, имајќи предвид дека тренерската кариера ја почнал пред неполни 12 години. Потрофејни тренери од него се само сер Алекс Фергусон (49) и Мирчеа Луческу (32), но тие не се недостижни ако се знае дека Гвардиола во јануари наполни 49 години. Колку за споредба, Фергусон на таа возраст имал само 13 титули во својата колекција.
Весникот „Марка“ пресмета дека Гвардиола освојува трофеј на секои 23 натпревари. Тој досега изгубил само едно финале, од Реал Мадрид во Кралскиот куп во 2011 година.
По клубови, Гвардиола има освоено 14 трофеи со Барселона, седум со Баерн и осум со Сити.
„Неверојатно, освоивме осум од последните девет трофеи во Англија. Тешко дека некој некогаш ќе го повтори тоа“, изјави Гвардиола.