НАД 180 ЕВРОПСКИ РАДИОСТАНИЦИ УТРОВО ВО ИСТО ВРЕМЕ ПУШТИЈА ИСТА ПЕСНА

Амстердам, (НМЕ)

Точно во 8:45 часот, над 180 радиостаници низ цела Европа утрово пуштија иста песна.

На иницијатива на холандскиот диџеј Сандер Хогендорн, од фреквенциите на 183 радиостаници од 31 земја во исто време можеше да се чуе песната „You’ll Never Walk Alone“ од „Gerry and the Pacemakers“, со цел да се нагласи солидарноста во времето кога владее социјална дистанцираност помеѓу луѓето поради пандемијата на коронавирусот.

Идејата почна во вторникот, кога Хогендорн повика свој колега од друго радио да му се придружи, што беше следено и од други радиостаници од Холандија и странство.

Сите мора да сториме колку можеме за да ја надминеме оваа криза. Песната може да биде порака до сите здравствени работници кои сега вршат неверојатна работа, сите болни и до оние кои моментално не можат да излезат од дома“, изјави Хогендорн.

Песната која денес е најпозната како химна на навивачите на Ливерпул настанала уште пред 75 години и во меѓувреме била обработена многу пати. Верзијата што денеска беше пуштена е од 1963 година.