Македонија го забележа најголемиот еднодневен пораст на бројот на заразени со коронавирусот досега.
Министерот за здравство Венко Филипче прво објави дека има 19 новозаразени, а потоа беа потврдени уште три нови случаи, што сѐ заедно претставува пораст од 45% во однос на претходниот ден.
Во Македонија досега се регистрирани 71 позитивен тест на коронавирус, при што првата пациентка е излекувана. Филипче информираше и дека состојбата на првата пациентка од Дебар е значително влошена.
Охрид е ново име на листата македонски градови во кои што досега е регистриран коронавирус, по Скопје, Дебар, Гостивар и Штип.
Филипче најави дека ќе се обединат капацитетите на лабораториите на Центарот за јавно здравје и на приватната болница „Жан Митрев“ во Скопје, а од понеделник, тестови ќе се прават и во поликлиниките „Чаир“ и „Јане Сандански“.