ВЕБ-КАМЕРИ ОВОЗМОЖУВААТ ДА СЕ УЖИВА ВО СВЕТОТ И БЕЗ ДА ИЗЛЕЗЕТЕ ОД ДОМА

Лондон, (Би-Би-Си)

Светот се наоѓа во ситуација кога авионите се приземјени, државите ги затворија границите, а на луѓето им е наредено или препорачано да седат дома. Пандемијата на коронавирусот го ограничи нашето движење на секој можен начин, но благодарение на дигиталната технологија, и натаму може да се ужива во светот: од дома, преку веб-камери.

СЛОНОВИ ВО ЈУЖНА АФРИКА

Овој пренос доаѓа од националниот парк Тембе, блиску до границата на Јужна Африка со Мозамбик. Во најголем дел од времето, во кадарот има барем еден слон. Понекогаш можат да се начекаат и леопарди, лавови и носорози како доаѓаат да се напијат вода.

ПЛАЖА ВО ТАЈЛАНД

Овој пренос е идеален ако сакате да се релаксирате со спектакуларно зајдисонце секој ден. Овие денови тоа е околу 13:30 часот по македонско време. Камерата е поставена на плажа на островот Кох Самуи.

ПОЛАРНА СВЕТЛИНА

Овој пренос се емитува од канадската провинција Манитоба. Ако небото во ноќните часови е чисто, поларната светлина може да се види во свој полн тек. Моментално не е врвот на сезоната за овој феномен, но сѐ уште може да изгледа фасцинантно.

ГОРИЛИ ВО АФРИКА

Преносот што се емитува и дење и ноќе ги прикажува горилите во заштитено подрачје во Демократска Република Конго. Тука живеат околу 300 источни горили и не треба да чекате долго за да видите една.

НОРВЕШКА СО ВОЗ

Ова не е пренос во живо, туку долги, претходно снимени видеа се споени во едно, кое го прикажува живописното патување со воз од Берген до Осло. Без разлика на тоа, попатно можат да се видат прекрасни фјордови, езера и шуми покриени со снег.

ВСЕЛЕНАТА

Овој, можеби и најспектакуларен пренос од сите доаѓа од Меѓународната вселенска станица, која патува со брзина од 27.300 километри на час над нашите глави. Изгрејсонце или зајдисонце може да се види на секои 45 минути. Преносот оди само кога станицата е во контакт со Земјата, па знае да има прекин во сигналот.