Холивудската легенда Голди Хоун (74), нејзината ќерка, актерката Кејт Хадсон (41) и едногодишната внука Рани Роуз се најдоа на насловната страница на списанието „Пипл“.
Списанието слави 30 години на своето специјално издание „Бјути“ и по тој повод, за првпат се реши да спои три генерации жени од едно семејство, за што ги одбра двете глумици и девојчето, проследено со насловот „Љубов, семејство и вистинска убавина“.
„Семејството и проширеното семејство се богатствата кои ги чуваме во нашите срца. Љубовта која ја споделуваме е особено важна во овие тешки времиња. Пријатно е да се знае дека сме тука едни за други да се чуваме и поддржуваме. Посакувам сите да ја најдеме убавината во нашите срца“, напиша Хоун на Инстаграм.
Хоун е веќе 37 години во врска со актерот Курт Расел и Хадсон вели дека нивната складност ѝ е најголема инспирација во животот. Таа ја доби ќеркичката Рани Роуз во бракот со музичарот Дени Фуџикава.