„Апсолутен доказ“, документарец за наводно местење на неодамнешните претседателски избори во САД, ја освои Златната малина за најлош филм во пресрет на утрешното доделување на Оскари. Најмногу награди собра „Музика“, контроверзниот дебитантски филм на пејачката Сија.

„Апсолутен доказ“ е опишан како „досаден фестивал на лажни вести“ кој се обидува да докаже дека кинески хакери влијаеле врз исходот на ланските избори. Главната ѕвезда и режисер на филмот Мајк Линдел е прогласен за најлош актер.

„Музика“ доби три златни малини, меѓу кои и режисерката Сија. Кејт Хадсон е најлоша актерка, а Меди Зиглер заработи малина за споредна женска улога. Филмот беше жестоко критикуван за својот приказ на аутизмот, исто како и за изборот на Зиглер за улогата на аутистична девојка, при што беше опишан како „нечувствителен, лошо замислен мјузикл за аутизмот“.

Бившиот адвокат на Трамп, Руди Џулијани, е најлош спореден актер откако беше жртва на главната местенка во „Борат 2“ во незаборавната сцена во хотелска соба. Тој и патентот на неговите панталони се прогласени за најлоша филмска комбинација.

Годинашните добитници беа објавени преку видео на Јутјуб.