„ЕРБАС“, „РОЛС-РОЈС“ И „СИМЕНС“ РАБОТАТ НА ПРВИОТ ХИБРИДЕН АВИОН НА СВЕТОТ

Франкфурт, (АП)

„Ербас“, „Сименс“ и „Ролс-Ројс“ се здружија во обидот да развијат прв хибриден патнички авион на светот, што ќе биде погонет на еден електричен турбомлазен мотор, заедно со три конвенционални мотори, што користат авионско гориво.

На овој авион ќе се тестира технологијата, што во иднина треба да помогне да се намали емисијата на јаглерод диоксид, како и употребата на фосилни горива.

Трите компании објавија дека имаат за цел да произведат ваков авион до 2020 година.

Тој ќе се базира врз постојниот авион со четири мотори, Бае 146, при што хибридната верзија ќе ја црпи електричната енергија од внатрешна турбина. Доколку овој систем функционира, потоа ќе се додаде уште еден електричен мотор.

Трите компании ќе работат на одделни аспекти на авионот, па „Ербас“ ќе биде одговорен за авионските системи, „Ролс-Ројс“ ќе ги произведе генераторот и турбомоторот, а „Сименс“ ќе биде задолжен за создавање на двамегаватниот електричен мотор.