„ИКС-МЕН: МРАЧНИОТ ФЕНИКС“ Е НАЈГОЛЕМОТО ФИЛМСКО ПРОМАШУВАЊЕ ЗА 2019

Лос Анџелес, (Дедлајн)

„Мрачниот Феникс“, последниот филм од серијалот „Икс-Мен“, е прогласен за најголемото холивудско промашување за минатата година.

Тој се соочи со негативни критики веднаш по премиерата во јуни, при што студиото „Фокс“ процени дека загубите ќе бидат меѓу 100 и 120 милиони долари. На крајот излезе уште полошо, откако „Мрачниот Феникс“ заработи само 252 милиони долари на светско ниво, додека загубата изнесуваше 133 милиони.

На второто место е „Терминатор: Мрачна судбина“, кој оствари загуба од 122,6 милиони долари, што звучи неверојатно, имајќи предвид дека овој филм доведе до големото обединување на Арнолд Шварценегер, Линда Хамилтон и Џејмс Камерон.

Во првите пет уште се мјузиклот „Мачки“ (загуба од 113,6 милиони долари), научно-фантастичниот трилер „Близнак“ со Вил Смит (111,1) и анимираниот филм „Врска што недостига“ (101,3).