Северна Америка изгубила три милијарди птици во последните пет децении, покажа ново истражување, при што значително намалување на популацијата било забележано кај стотици видови.

Севкупно, бројот на птици во САД и Канада се намалил за 29% за овој период, што, како што велат авторите на студијата, е знак на широко раширена еколошка криза.

„Доказите покажуваат масивно намалување на популацијата на птици. Знаеме дека некои видови се загрозени и дека нивниот број постојано се намалува, но за првпат, резултатите покажуваат сеприсутни загуби кај вообичаени видови птици“, вели Кен Розенберг од орнитолошката лабораторија „Корнел“, кој го водеше истражувањето.

Резултатите покажуваат загуба од три милијарди птици од 1970 година, од кои повеќето припаѓаат на 12 семејства птици и ова најмногу се должи на тоа што им се уништуваат живеалиштата.

„Ова е голема загуба за природата бидејќи птиците се критична компонента за повеќето екосистеми. Кога губиме големо количество птици, со тоа се вознемирува целата животна мрежа“, додаде Розенберг.