ДЕЛФИНИТЕ ГИ ЗАМЕНИЈА БРОДОВИТЕ ВО БОСФОР ОТКАКО ИСТАНБУЛ Е ВО КАРАНТИН

Истанбул, (Би-Би-Си)

Откако улиците, мостовите и водените патишта стивнаа поради воведениот карантин, жителите на Истанбул сѐ почесто уживаат во друштвото на делфини, кои се доближуваат до брегот поблиску од кога било.

Во нормални услови, Босфор е една од најпрометните морски маршрути на светот и огромни танкери, траекти и товарни и патнички бродови поминуваат низ теснецот 24 часа на ден. Сега кога нема толку сообраќај и бучава, а и рибарите се принудени да седат дома откако Истанбул во четвртокот повторно беше ставен во карантин, делфините уживаат во новооткриената слобода во теснецот.

(Фото: АФП)

Не е невообичаено од градскиот кеј да се забележат делфини во далечина, но тие сега пливаат многу поблиску до брегот.

„Намалувањето на бродскиот сообраќај низ Босфор има големо влијание. Тоа им овозможува на делфините да дојдат поблиску до брегот, Тие инаку не се плашат толку од бродовите колку од луѓето“, вели Ерол Оркџу, претседателот на Риболовната асоцијација на Истанбул.