ОТКРИЕНИ НАЈВИСОКИТЕ КОНЦЕНТРАЦИИ НА МИКРОПЛАСТИКА НА МОРСКОТО ДНО ДОСЕГА

Манчестер, (Би-Би-Си)

Научниците ги идентификувале највисоките нивоа на микропластика на морското дно досега. Загадувањето е пронајдено во талог земен од дното на Средоземното Море, во близина на Италија.

Анализата со која раководел Универзитетот во Манчестер пронашла 1,9 милиони пластични парченца на квадратен метар. Тие веруваат дека микропластиката (честички помали од еден милиметар) се собира на одредени локации на океанското дно благодарение на моќните подводни струи.

„Овие струи го градат она што ние го нарекуваме наноси од отпад, нешто како подводни песочни дини. Тие можат да бидат долги десетици километри и стотици метри високи. Тоа се некои од најголемите акумулации на талог на светот. За очекување е тука да се најде и микропластика“, вели д-р Ијан Кејн, кој го предводеше меѓународниот тим.

Се проценува дека меѓу четири и 12 милиони тони пластичен отпад завршуваат во океанските води секоја година, најмногу преку реки. Научниците сметаат дека видливиот отпад претставува само 1% од севкупниот пластичен отпад во морските води. Што се случува со останатите 99%, не е познато.