УЧЕБНАТА ГОДИНА ЌЕ ЗАВРШИ БЕЗ ДРЖАВНА МАТУРА И ЗАВРШЕН ИСПИТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Учениците од основните и средните училишта ќе ја завршат учебната година од дома. Министерот за образование и наука Арбер Адеми објави дека државната матура и завршниот испит нема да се полагаат.

„Тековната учебна година до крај ќе се реализира во вид на далечинско учење, односно учење од дома“, напиша Адеми на Фејсбук, додавајќи дека сите ученици ќе добијат диплома.

Уписот на првачињата ќе почне во јуни, а во наредниот период, со конкретна уредба на Владата ќе се регулира уписот на факултетите.

Македонија уште на 10 март ги затвори сите образовни институции, станувајќи една од првите европски земји кои го направија тоа. Две недели подоцна беше објавено дека наставата ќе продолжи од дома, преку средствата за електронска комуникација.