Македонија денеска ја надмина бројката од 100 починати од КОВИД-19, додека Владата го претстави третиот пакет мерки за помош на граѓаните во кризата со коронавирусот.
- Две лица од Тетово на возраст од 57 и 78 години и 58-годишен велешанец се последните жртви на коронавирусот во земјата.
- Со тоа бројката починати од почетокот на кризата порасна на 101.
- Во изминатите 24 часа биле направени 426 тестирања, од кои 30 имале позитивен резултат (11 во Скопје, шест во Тетово, пет во Велес, три во Прилеп, два во Куманово и еден во Штип, Битола и Охрид).
- Досега се регистрирани 1.792 случаи на коронавирус, од кои 398 се активни.
- Бројката оздравени изнесува 1.293, 26 повеќе во однос на вчера.
- За да се поттикне потрошувачката, Владата воведува викенд без данок на додадена вредност, што на сите граѓани ќе им овозможи да купат облека, бела техника, мебел, санитарија и школски прибор и книги по пониски цени.
- Исто така, околу 100.000 лица кои имаат месечни примања до 15.000 денари ќе добијат платежна картичка во вредност од 9.000 денари за купување домашни производи и услуги.