ЏЕЈМС ФРАНКО НАПРАВИ ДОБАР ФИЛМ ЗА НАЈЛОШИОТ ФИЛМ НА СИТЕ ВРЕМИЊА

Лос Анџелес, (АП)

Постојат лоши филмови, а потоа тука е „Соба“, спектакуларно бизарна независна драма од 2003 година, чиј продуцент, сценарист, режисер и главен актер е Томи Визо.

Филмот е толку катастрофален од секој аспект, што денес ужива култен статус, а еден критичар го нарече „Граѓанинот Кејн на лошите филмови“.

„Тоа е таков филм, што повеќето гледачи ќе си ги побараат парите назад по само 30 минути гледање“, вели филмскиот критичар Скот Фаундес.

„Соба“, несомнено, ќе добие нови фанови, откако на 8 декември во кината ќе почне да се прикажува „Катастрофалниот уметник“, во режија на Џејмс Франко, кој го игра Томи Визо.

Томи Визо е продуцент, сценарист, режисер и главен актер на „Соба“, кој е толку лош филм од секој аспект, што денес има култен статус

Франко е речиси непрепознатлив со сите протези, глем рок фризурата, ексцентричните костуми и со источноевропскит акцент, но тврди дека намерата не му била да направи пародија.

„Во историјата на Холивуд имате илјадници лоши филмови, што веќе никогаш нема да ги гледаме. За разлика од нив, луѓето го гледаат ‘Соба‘ веќе 14 години, не затоа што ова е толку бизарен филм, туку затоа што Томи вложил срце и душа во него. Тој навистина сакал да направи голем филм“, вели Франко, кој веќе почна да собира награди за „Катастрофалниот уметник“.

Визо го напишал сценариото со својот пријател од часовите по глума Грег Систеро, кого во „Катастрофалниот уметник“ го игра братот на Франко, Дејв, што е нивна прва голема соработка. Систеро имал само 19 години кога го запознал Визо и вели дека идејата за „Соба“ тој ја развивал цели осум години.

„Феноменот на ‘Соба‘ е спротивен на логика и продолжува да ме воодушевува“, признава Систеро.