Данска ги отвори своите граници за да овозможи повторно спојување на двојките разделени од пандемијата на коронавирусот пред неколку месеци.
Од оваа недела, двојките кои живеат во пограничните области во Германија и во скандинавските земји можат да влезат во Данска, а за да ја докажат својата врска треба да приложат фотографии, СМС пораки или електронска пошта. Министерот за правда на Данска Ник Хекеруп изјави дека овие правила ќе бидат олеснети во наредните денови, па ќе биде доволно и писмо потпишано од двете страни.
„Ако кажете дека сте нечие момче и потпишете писмо, ние ќе претпоставиме дека тоа е вистина“, кажа Хекеруп.
Секој што сака да се види со партнерот/партнерката во Данска мора да остави лични податоци и докази дека врската трае подолго од шест месеци и ова важи за постојаните жители на Германија, Шведска, Норвешка, Финска и Исланд.
Осумдесетгодишниците Инга Расмусен и Карстен Тихсен Хансен го привлекоа вниманието на светската јавност со своите чести средби на данско-германската граница во изминатите месеци.