Со завршувањето на ноември, заврши и акцијата на движењето „Мовембер“ од Велес.
За овие 30-ина дена, тие собраа 30.000 денари, кои ќе бидат наменети за хуманитарна цел. Тие се собираа со продажба на маички, преку касичка, како и од продажбата на 200 литри пиво – донација од Скопска пивара.
„Преку движењето ‘Мовембер‘, со носење мустаќи и со промена на изгледот го привлекувавме вниманието на јавноста. Многумина нѐ прашаа зошто мустаќи и на секој му објаснувавме. Така директно зборувавме за грижата за машкото здравје. Целта беше подигнување свест за проблемите од машките болести – рак на тестиси и рак на простата и превенција од нив. Ако се прави контрола на доктор барем еднаш годишно, многу поефикасно ќе се решат овие машки болести и нема да се јават последиците подоцна“, кажа Ѓорѓи Нанов од движењето „Мовембер Велес“.
Тие се самоорганизираа петта година по ред, а завршницата беше нивниот симпозиум, кога на крајот на месецот ги мереа мустаќите. За најмустаќ на Велес беше избран Зоран Ѓоргиев, а мустаќ во обид има Роберт Митровски.
П. ПЕЧКОВ