„ДИЈАМАНТ ВО ПУСТИНАТА“ Е ТРЕТИОТ ИЗГРАДЕН СТАДИОН ЗА МУНДИЈАЛОТ ВО КАТАР

Доха, (Дезин)

Катар ја заврши изградбата на третиот и досега најголем стадион за Светското првенство во 2022 година.

Стадионот „Едјукејшн сити“ покрај Доха има 45.350 седишта, а поради својата карактеристична фасада го носи прекарот „Дијамант во пустината“. Дизајниран од британски и шпански архитекти, тој е сместен во универзитетската област западно од Доха, од каде и го доби името.

„Фасадата на стадионот е инспирирана од арапската архитектура и содржи триаголници кои формираат сложен геометриски шаблон налик на дијамант, при што се добива впечаток дека ѝ се менува бојата како што сонцето се движи по небото. Како и дијамантите, и дизајнот на стадионот претставува квалитет, издржливост и отпорност“, кажаа од Организацискиот комитет на СП.

Тој доби пет ѕвезди за одржливост, откако 29% беше направен од рециклирани материјали.