Европската Унија и официјално објави дека утре ќе ги отвори своите граници за жителите на 14 „безбедни“ држави и Македонија ја нема на листата, исто како и САД, Русија, Турција, Бразил и Индија.
Дипломатите пет дена дебатираа за листата поради грижите околу коронавирусот и таа не е законски обврзувачка, па секоја членка сама може да реши дали ќе се отвори за сите овие држави.
Листата ја сочинуваат Алжир, Австралија, Канада, Грузија, Јапонија, Црна Гора, Мароко, Нов Зеланд, Руанда, Србија, Јужна Кореја, Тајланд, Туниз и Уругвај, а Кина ќе биде вклучена само ако се согласи на реципроцитетен договор. Листата ќе се обновува на секои 14 дена, кога ќе можат да се додадат нови држави.
Брисел ја донесе одлуката врз основа на неколку научни фактори, како стапката на заразата да изнесува помалку од 16 случаи на секои 100.000 жители. Во Македонија и денеска има трицифрена бројка новозаразени со коронавирус – 126.
И покрај тоа, утре се отвораат меѓународните аеродроми во Скопје и Охрид.