НАЦИОНАЛНАТА ГАЛЕРИЈА НАЈАВИ ТРИ ИЗЛОЖБИ ДО КРАЈОТ НА 2020 И ДВА КОНКУРСА ЗА МАКЕДОНСКИТЕ УМЕТНИЦИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Националната галерија на Северна Македонија (НГСМ) на 22 јуни го почна проектот „Пејзажни фасцинации 20“ на Атанас Атанасоски, инсталација во просторот на Чифте амам која ќе се „гради“ и во текот на јули. Поради неможноста за физичко присуство, целиот процес на поставување ќе биде прикажан на профилите на Националната галерија на социјалните мрежи.

До крајот на 2020, Галеријата ќе ги реализира ретроспективната изложба на Решат Амети (септември/октомври), изложбата на Моника Мотеска „Везење во камен“ (ноември) и јубилејната изложба по повод 90 години од раѓањето на Иван Велков.

Оттаму најавуваат и два конкурса кои ќе бидат отворени до 20 јули 2020. Првиот конкурс е наменет за двајца уметници на возраст до 35 години. Повикот е отворен за сите уметници кои имаат идеја да реализираат проект во мултимедијалниот центар Мала станица во октомври/ноември 2020. Темата не е ограничена, ниту однапред одредена.

На вториот конкурс ќе можат да се пријават сите уметници над 35-годишна возраст. И овој проект ќе треба да се реализира во Мала станица во ноември/декември 2020.