Посетителите ќе мора да носат маска, да држат дистанца и да не ги допираат блескавите мермерни површини на Таџ Махал кога тој повторно ќе се отвори утре по три месеци пауза.
Само 5.000 луѓе ќе можат да влезат на ден и ќе бидат поделени во групи, што е далеку од масовниот туризам досега присутен во мавзолејот од 17. век, кој знаеше да има и 80.000 посетители дневно.
Властите дозволија повторно да се отворат најпознатите индиски знаменитости, иако денеска беше регистрирана рекордна бројка од 24.850 новозаразени со коронавирус и повеќе од 600 починати. Со речиси 700.000 случаи на зараза, пред Индија се само Русија, Бразил и САД.
Агра, каде што се наоѓа Таџ Махал, останува најтешко погодениот град во сојузната држава Утар Прадеш.