НОВООТКРИЕНИ ОРУДИЈА КАЖУВААТ ДЕКА ЛУЃЕТО ЖИВЕЕЛЕ ВО СЕВЕРНА АМЕРИКА ПРЕД 26.500 ГОДИНИ

Њујорк, (АП)

Камени орудија пронајдени во пештера во Мексико сугерираат дека луѓето живееле во Северна Америка пред околу 26.500 години, што е многу порано од она што досега беше прифатено од научниците. Тоа е нов чекор во тешкиот и дискутабилен процес на утврдување кога првите луѓе пристигнале во Северна Америка од Азија.

„Досега познатите археолошки локалитети кажуваа дека тоа се случувало најрано пред 15.000-17.000 години“, вели Том Дилехеј, антрополог од Универзитетот во Нешвил.

Во пештерата не биле пронајдени траги на човечка ДНК

Во новото издание на списанието „Нејчр“ научниците известија за артефакти пронајдени во планинска пештера во сојузната држава Сакатекас во североцентралниот дел на Мексико.

Тие велат дека пронашле речиси 2.000 камени орудија чија старост е проценета на 26.500 години, а постојат индиции дека некои од нив датираат и од пред 30.000 години, но ова засега не е потврдено. Во пештерата не биле пронајдени траги на човечка ДНК.

Како и кога древните луѓе дошле во Америка е тема на жестока дебата меѓу научниците. До неодамна, најшироко прифатената теорија беше дека тоа се случило пред 13.500 години преку копнен мост кој ги поврзувал денешната Русија и Аљаска, за потоа да се откријат и неколку илјади години постари живеалишта.