ДОКУМЕНТАРЕЦОТ ЗА ДЕВЕТТЕ ЖИВОТИ НА ОЗИ ОЗБОРН ИЗЛЕГУВА ВО СЕПТЕМВРИ

Лондон, (НМЕ)

Долгоочекуваниот документарен филм за Ози Озборн премиерно ќе биде прикажан на 7 септември. Насловен „Биографија: Деветте животи на Ози Озборн“, филмот е хроника за животот и кариерата на иконата на хеви металот.

Филмот првпат беше најавен во јануари и оригинално требаше да има фестивалска премиера во март, но плановите ги поремети пандемијата на коронавирусот. Тој комбинира архивски снимки со новите разговори со Озборн, заедно со неговото семејство, сопругата Шерон и децата Џек и Кели. Во 86-минутниот филм се појавуваат низа познати музичари, како Мерилин Менсон, Ајс-Ти и Роб Зомби.

„Филмот го следи животот на Ози од неговото детство во сиромаштија, преку ‘Блек сабат‘ и успешната соло кариера до статусот на омилен телевизиски татко“, се вели во најавата.

Озборн имаше низа здравствени проблеми во минатата година, поради кои ја откажа турнејата, но во меѓувреме издаде нов албум.