Повеќе од 80 долгометражни и кратки филмови, осум работилници и над 400 учесници ќе има на годинашното издание на Младинскиот филмски фестивал „Џифони Македонија“, кој почнува вечерва (24 септември) во Скопје. Годинашната тема е „Невозможните нешта“.
Фестивалот ќе биде отворен во 19 часот во киното Фросина со италијанскиот филм „Лагат – Невозможен сон“ (фото) од 2025, во режија на Мајкл Зампино.
На фестивалот се очекуваат и околу 30 млади гости од Италија, Данска, Романија, Србија и Косово. Во натпреварувачката програма ќе се избираат најдобар долгометражен, краток и анимиран филм, како и најдобар филм направен од ученици од основните и средните училишта.
Ќе бидат прикажани и најновите кратки филмови на македонските автори Крсте Господиновски, Ханис Багашов, Трифун Ситниковски, Оливера Каменаровска, Лора Милошевска, Кирил Цеков и Фросина Захда.
Натпреварувачката програма ќе ја отвори македонскиот игран филм „Скејтањето не е за девојчиња“ на Дина Дума.
Покрај филмската програма, ќе има осум работилници, а новитет е Еко лаб, каде што младите ќе рециклираат пластични шишиња и со 3-Д печатач ќе изработуваат нови предмети.