„Оејзис“ ќе ја раскаже приказната за своето големо враќање во новиот документарен филм „Don’t Look Back In Anger“, кој ќе содржи снимки од проби, зад сцената и од концертите од повратничката турнеја „Оејзис во живо ’25“. Посебно внимание привлекува најавата дека во филмот ќе бидат прикажани и првите заеднички интервјуа на браќата Лијам и Ноел Галагер по повеќе од 20 години.
Документарецот го создаде Стивен Најт, авторот на серијата „Пики бландерс“. Светската премиера е најавена на 83. Венециски филмски фестивал, а во септември филмот ќе пристигне и во кината. Подоцна ќе биде достапен и на „Дизни+“.
Филмот доаѓа по долгоочекуваното обединување на Лијам и Ноел Галагер. „Оејзис“ лани повторно излезе на сцена по 16 години и одржа голема светска турнеја пред распродадени стадиони.
Најавата за документарецот се совпаѓа и со 30-годишнината од легендарните концерти на „Оејзис“ во Њупорт. На 10 и 11 август 1996, бендот настапи пред вкупно 250.000 луѓе. За билетите, кои чинеле 22,50 фунти (26 евра), се пријавиле околу 2,5 милиони луѓе..
(Фото: Шатерсток)