ПИЈАНО ВЕЧЕР НА ОХРИДСКО ЛЕТО СО КЕМАЛ ГЕКИЌ ОД САД

Охрид, (СМАРТ.СДК.МК)

Американскиот пијанист роден во Хрватска, Кемал Гекиќ вечерва во 21 часот ќе настапи на Охридско лето, во „Св. Софија“, со дела од Бетовен, Шопен, Ален, Лист. Фестивалот се одржува под строг протокол за заштита од ковид-19, со ограничен број на публика, мерење температура и заштитни маски.

Гекиќ е роден во Сплит, учел пијано со Лоренца Батурина, а дипломирал на Музичката академија во Нови Сад во класата на професор Јокут Михаиловиќ, каде веднаш по дипломирањето ја започнува својата педагошка кариера и до 1999 е шеф на катедрата за пијано.

Во 1999 е резиденцијален уметник и редовен професор на Универзитетот во Мајами, Флорида, а истовремено одржува и мајсторски курсеви на повеќе академии низ светот. Често е дел од жири комисии на меѓународни натпревари за пијано, а од 2010 е основач на Летната школа и фестивал кои го носат неговото име во родниот Сплит.

Настапува како солист на рецитали или со оркестри меѓу кои со Кралската филхармонија во Лондон, Варшавската филхармонија, Јапонскиот филхармониски оркестар, во сали како „Гевандхаус“ во Лајпциг, „Сантори Хол“ во Токио и „Кенеди“ центарот во Вашингтон. Има снимено 15 солистички албуми, а за неговиот албум со транскрипции на Росини и Лист ја добива наградата „Розета“ која ја доделува „Пингвин“ водичот за музика, додека пак неговата интерпретација на „Трансцеденталните етиди“ исто така од Лист снимени за Џеј-Ви-Си се смета за една од најрелевантните снимки на овој циклус на сите времиња. Гекиќ бил номиниран за наградата Греми за снимката на Концертот „Герника“ од Фредрик Кауфман, дело нарачано и специјално напишано за него.