ВО ОБИД ДА ГИ НАДМИНЕ ЊУЈОРК И ПАРИЗ, ШПАНСКИОТ ГРАД ВИГО СРЕДЕ ЛЕТО ПОЧНА ДА СЕ УКРАСУВА ЗА БОЖИЌ

Виго, (Гардијан)

Шпанија е на врвот на летната туристичка сезона, колку е тоа можно во пандемијата на коронавирусот, но еден град на северот на земјата веќе почна да се подготвува за Божиќ.

Со години, градоначалникот на Виго, Абел Кабалјеро, се обидува да ја освои неофицијалната титула за најдобро празнично осветлување на светот и во ситуација кога планетата е фокусирана на други нешта, ова конечно би можела да биде негова година.

„Денеска почнуваме да го поставуваме божиќното осветлување на Виго, со цел да го имаме најдобриот Божиќ на светот. Нека знаат градоначалниците на Њујорк, Берлин, Париз, Лондон и Токио дека ние ќе бидеме најдобри. Ќе бидат поставени десет милиони ЛЕД светилки“, изјави 73-годишниот Кабалјеро во средата.

Осветлувањето ќе покрие 334 улици и 450 дрвја и за него ќе бидат потрошени 800.000 евра. Иако многумина го критикуваат Кабалјеро за неодговорно и непотребно трошење пари и електрична енергија, тој тврди дека ова има за цел да го поттикне туризмот во градот.