Амстердам најде зелено решение за еден од своите најстари проблеми – јавно уринирање.
Градскиот совет постави 12 специјални жардиниери на некои од најпрометните места во градот кои во исто време служат како писоари. Со зеленило на врвот, тие на прв поглед изгледаат како модерни жардиниери, но од една страна имаат отвор, кој служи како место за уринирање. Урината се собира и потоа се користи за добивање вештачко ѓубриво.
Холандската компанија „ГринПис“, која стои зад оваа храбра иновација, веќе обезбедила вакви зелени писоари за уште три града во Холандија и еден во Белгија.
Во рамките на пилот-проектот, во 2018 година биле поставени четири вакви писоари.
„Било утврдено дека ‘дивото‘ мочање се намалило за 50%. Тоа беше голем успех. Мочањето врз ѕид ги оштетува историските згради и е нехигиенско“, изјави иноваторот Рихард де Фрајс.
Тој вели дека неговите писоари не шират непријатна миризба, трошат помалку вода и целата урина редовно се собира и рециклира. Градскиот совет на Амстердам вложил 55.000 евра во овој проект.