КИНГСЛИ КОМАН ГО ОСВОИ 20. ТРОФЕЈ ЗА СЕДУМ ГОДИНИ ОТКАКО ГО УНИШТИ СВОЈОТ МАТИЧЕН КЛУБ ПСЖ ВО ФИНАЛЕТО НА ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ

Лисабон, (Инсајдер)

Кингсли Коман синоќа го постигна единствениот гол во финалето на Лигата на шампионите и му ја донесе на Баерн шестата европска титула. Во игра на судбината, младиот Французин на тој начин му пресуди на клубот од кој потекнува, но кој, исто така, прелесно се откажа од него.

А, Коман во меѓувреме стана машина за освојување трофеи и до 24-годишна возраст веќе ги има 20 во својата колекција.

Коман ѝ се придружил на фудбалската академија на парижаните на осум години и стана најмладиот дебитант во клупската историја кога во февруари 2013 заигра на првенствениот меч со Сошо. Тогаш имаше само 16 години, осум месеци и четири дена. Тој забележа само уште два настапа за ПСЖ во лигата пред да се пресели во Јувентус во лето 2014. И таму не се изнаигра, па по само една сезона беше позајмен во Баерн, чиј официјален член стана во 2017.

И престојот во Минхен му беше обележан со проблеми откако претрпе неколку тешки повреди, што беше причина да го пропушти и триумфалниот поход на Франција кон светската титула во 2018.

Ова е 12. трофеј за Коман во дресот на Баерн, откако претходно освои четири со ПСЖ и исто толку со Јувентус. За споредба, Кристијано Роналдо досега има освоено 30 големи титули, а Лео Меси 36.