„ИКЕА“ И „ЛЕГО“ ПРЕКУ ИГРА ГИ УЧАТ ДЕЦАТА ДА СРЕДУВААТ И СОБИРААТ ЗАД СЕБЕ

Стокхолм, (Дезин)

„ИКЕА“ и „Лего“ соработуваа на проектот „Биглек“, кој ги комбинира играта и складирањето и има за цел да им помогне на децата да научат да средуваат и собираат зад себе.

Колекцијата се состои од комплет со три помали кутии, комплет со две поголеми кутии и еден комплет на лего коцки.

„Кутиите служат како платформа за градење и место за складирање на коцките. На тој начин, децата се охрабруваат да се играат, а средувањето и организирањето на домот да им биде позабавно. Таму каде што возрасните гледаат неред, децата гледаат стимулативно креативно окружување и ‘Биглек‘ може да им помогне да го надминат јазот помеѓу тие две гледишта“, вели дизајнерот на „ИКЕА“, Андреас Фредриксон.

Колекцијата е компатибилна со кои било други лего коцки. Таа ќе се најде во продажба од 1 октомври.