КИНА ГИ ОТВОРИ УНИВЕРЗИТЕТИТЕ СО НОВА ТЕХНОЛОГИЈА КОЈА ЦЕЛ ДЕН ЌЕ ГИ СЛЕДИ СТУДЕНТИТЕ

Пекинг, (Ројтерс)

Откако бројот на нови случаи на коронавирус во Кина значително падна, најбројната светска популација на студенти се врати во универзитетските кампуси, каде што ја дочекаа нови, строги правила и најсовремена опрема за набљудување.

Ова следува откако кинеските универзитети се префрлија на физички предавања во есенскиот семестар. Некои од нив воведоа и строги правила како студентите ќе јадат, патуваат, па дури и како ќе се бањаат. Студентите од Пекинг, Нанџинг и Шангај ќе мора да поднесуваат детаљни извештаи за своето движење и престој во кампусот.

Владини документи покажуваат дека десетици универзитети ќе ја држат епидемијата под контрола преку системи за набљудување засновани врз препознавање лица, следење контакти и проверка на телесната температура.

Во Кина има повеќе од 20 милиони студенти и голем дел од нив живеат во кампуси, делејќи соби.

Универзитетите преку модерна технологија ќе собираат податоци за студентите и ќе спречуваат луѓе однадвор да влегуваат во кампусите. Повеќето системи се потпираат на десетици камери, при што студентите ќе мора да внесуваат информации за себеси неколку пати во денот.

„Одеднаш, се соочивме со десетици камери во студентскиот дом, по шест на секој спрат. Тоа е како некој да те гледа од станувањето до легнувањето“, изјави еден студент од Универзитетот во Пекинг.

Научно-технолошкиот универзитет во Лијаонинг вложи 63.000 долари во својот систем, кој, меѓу другото, ќе лоцира лица кои не носат маска.