ЖЕНСКИ АВТОРИ И ФЕМИНИЗМОТ СЕ НАЈДОА ВО ФОКУСОТ НА ЛИТЕРАТУРНИОТ ФЕСТИВАЛ „ПРО-ЗА БАЛКАН“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Писателките Магдалена Блажевиќ, Маја Солар и Елизабета Баковска беа во фокусот на втората вечер на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“ во Скопје. Во Куршумли ан се разговараше за феминизам, женско тело, идентитет.

Уметничкиот директор на фестивалот, Александар Прокопиев, ја претстави младата книжевна ѕвезда во регионот, Магдалена Блажевиќ од Босна и Херцеговина.

„Мислам дека јазикот е еднакво важен колку и тоа што се случува во приказната. Ако имате само добра приказна, а немате добар јазик, тогаш немате добра литература“, рече Блажевиќ и спомена дека меѓу авторите кои ги чита е и Румена Бужаровска.

Елизабета Баковска, која преведува и пишува поезија, проза и книжевна теорија и критика, а во последно време и литература за деца, истакна дека нема само еден феминизам, туку има многу феминизми и речиси секогаш постои непријатно чувство кога се зборува за оваа тема.

„Во есејот ‘Како жена јас немам татковина…‘ намерно ја цитирам Вирџинија Вулф, бидејќи таа е како прамајка на феминизмот. Она што мене ми беше интересно таму е како писателките се однесуваат кон концептот татковина, особено дали патриотизмот е нешто што е исклучива сопственост на мажите и дали се тие оние кои диктираат како треба да изгледа, да се сака и да се доживува татковината и да се твори на мајчиниот јазик. Терминот мајковина го користам во моите есеи“, рече Баковска.

Хрватските писатели Анте Томиќ и Миљенко Јерговиќ учествуваа преку видеоразговор снимен специјално за публиката на фестивалот. Тие, меѓу другото, зборуваа и за своите последни книги објавени на македонски јазик, „Маж без мустаќи“ (Томиќ) и „Мачка, човек, куче“ (Јерговиќ).

Осмото издание на фестивалот ќе биде затворено вечерва во 19:30 часот, кога ќе биде прочитан говорот на Исмаил Кадаре, добитникот на наградата „Прозарт“ за авторски придонес за балканската книжевност.