СКОПЈЕ ТАНЦОВ ТЕАТАР ЗА ПРВПАТ ВО КОРОНАКРИЗАТА ЌЕ НАСТАПИ ВО СТРАНСТВО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Кореографката Рисима Рисимкин и танчарката Адријана Данчевска од Скопје танцов театар гостуваат на „Соло танц фестивал“ во Анкара (18-21 септември) со дел од претставата „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ на Рисимкин, насловен „Фаталност“. Музиката е на композиторот Тони Китановски, костимите на Благој Мицевски, а дизајнот на сцена на Матеа Мијановиќ.

Ова е првпат во коронакризата Скопје танцов театар да настапува надвор од земјава. Во програмата ќе се претстават и уметници од Луксембург, Италија, Франција, Израел, Полска, Украина и Турција, а фестивалот се одржува на отворена сцена.

„Многу сме среќни што имаме можност повторно да настапуваме надвор од земјава и да покажеме дел од нашата најнова продукција. Вистински предизвик е да се споделува уметничката енергија со уметници од светот“, вели Данчевска.