НАСА ГИ ОБЈАВИ ПЛАНОВИТЕ ЗА ВРАЌАЊЕ НА МЕСЕЧИНАТА ДО 2024, ВРЕДНО 28 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ

Вашингтон, (Би-Би-Си)

НАСА ги објави плановите за враќање на Месечината до 2024 година, во проект вреден 28 милијарди долари.

Во рамките на програмата Артемис, НАСА ќе испрати маж и жена на површината на Месечината, што ќе биде прва мисија со човечки екипаж од 1972 година. Астронаутите ќе патуваат во капсула Орион, која ќе биде лансирана на моќна ракета наречена СЛС.

„Сумата од 28 милијарди долари ги покрива сите делови од програмата Артемис во наредните четири години“, појасни шефот на НАСА, Џим Брајденстин.

Првиот пробен лет околу Месечината, кој ќе биде без човечки екипаж, е планиран за есента 2021, кога ќе се тестираат сите критични системи.

Подоцна оваа деценија, НАСА планира да воспостави постојана база на Месечината, која ќе овозможи да се почне со нејзино истражување. Научниците се особено заинтересирани за замрзнатата вода од Јужниот Пол на Месечината, која може да се искористи за добивање ракетно гориво.