„Налепница“, краткиот филм на Георги Унковски, е прогласен за најдобар на 18. издание на меѓународниот фестивал „Ин д палас“ во Софија, со што се здоби со правото да биде номиниран за Оскар.
Осумнаесетминутниот филм ја имаше својата светска премиера на годинашниот Санденс, најголемиот американски фестивал на независен филм, точно една година по триумфот на „Медена земја“, кој потоа стигна до две номинации за оскар. Унковски е режисер и сценарист на „Налепница“.
Во продукција на „Синема футура“, филмот се снимал шест дена на повеќе локации низ Скопје. Главната улога ја игра Сашко Коцев, а во екипата се и Мони Дамевски, Џевдет Јашари, Љупчо Тодоровски-Упа, Соња Стамболџиоска, Димитрија Доксевски, Калина Димитриовска, Анастасија Аневска и Матеј Настевски.