КОЊАКОТ „ХЕНЕСИ ХО“ ГО СЛАВИ 150. РОДЕНДЕН СО СПЕЦИЈАЛНО ЗЛАТНО ШИШЕ ОД 15.000 ЕВРА

Париз, (Дезин)

Прославениот американски архитект Френк Гери креираше специјално шише за 150. роденден на еден од најпознатите брендови на француски коњак, „Хенеси ХО“. Рачно изработената обвивка, која го задржува препознатливиот изглед на шише „хенеси“, е направена од бронза потопена во 24-каратно злато.

Шишето го дизајнираше прославениот архитект Френк Гери

„Сакав да го претставам рачно направениот квалитет на ‘хенеси‘ со рачно направено шише, кое ви прави да се чувствувате добро кога го држите, прекрасно ја фаќа светлината и ја изразува раката на занаетчиите кои помогнале да се направи коњакот. Постоечкото шише на ‘хенеси‘ е легендарно и сакавме новиот дизајн да ги испочитува историјата и идентитетот на брендот“, вели добитникот на престижната Прицкерова награда.

Дестилеријата „Хенеси“ е основана во 1765 година, а „хенеси XO“, што е ознака за екстрастар, првпат бил произведен во 1870 како пијалак за семејството и пријателите на сопствениците.

Соодветно на роденденот, ова шише ќе го има само во 150 примероци и ќе чини 15.000 евра.