НОВА МУЗЕЈСКА ЗГРАДА ВО РОТЕРДАМ Е ОБЛОЖЕНА СО 1.664 ОГЛЕДАЛА ЗА ДА СЕ ПРЕТОПИ СО ОКОЛИНАТА

Ротердам, (Дезин)

Ротердам ја доврши изградбата на новата зграда на музејот „Бојманс фан Бојнинхен“, чија фасада е обложена со стотици огледала, а на покривот има градина. Кога ќе биде отворена во есен 2021, таа ќе ја собере целата уметничка колекција на музејот на едно место за првпат од 1935 година.

Според архитектите, тоа ќе биде најголемото јавно достапно уметничко депо на светот и ќе им овозможи ново музејско искуство на посетителите. Колекцијата ќе содржи 151.000 предмети.

Зградата е висока 39 метри и има површина од 15.000 квадратни метри. Обложена е со 1.664 рефлектирачки стаклени панели, што ѝ овозможува да се претопи со околината.

Внатрешниот простор е поделен на пет „климатски зони“, за да можат артефактите да бидат складирани и изложени на соодветни температура и влажност.