СИНОТ НА МИХАЕЛ ШУМАХЕР ЗА ПРВПАТ ЌЕ ВОЗИ ВО ФОРМУЛА 1 ВИКЕНД

Муџело, (Би-Би-Си)
GP GERMANIA F1/2019 - DOMENICA 28/07/2019 credit: @Scuderia Ferrari Press Office

Синот на Михаел Шумахер ќе биде еден од тројцата возачи од академијата на Ферари кои ќе земат учество во претстојните Формула 1 викенди, што ќе биде негово деби во елитното друштво.

Дваесет и едногодишниот наследник на седумкратниот светски првак ќе вози на тренинзите за трката за Големата награда на Ајфел, чиј домаќин е патеката Нирбургринг. Тој ќе вози болид на тимот на Алфа Ромео, кој соработува со Ферари.

„Пресреќен сум што ја добивам оваа шанса. Фактот што моето прво учество во Ф-1 викенд ќе се случи пред мојата домашна публика го прави овој момент уште попосебен“, изјави Шумахер.

Тој ја почна тркачката кариера во картинг, а откако во 2018 го освои Европското првенство во Формула 3, напредуваше во Формула 2. Моментално е лидер во оваа серија. Лани во јануари стана член на Возачката академија на Ферари.

Мик Шумахер е второто дете на легендарниот Ф-1 возач, кој повеќе од шест години заздравува од тешката скијачка несреќа и неговата вистинска состојба не е позната.