ОБЈАВЕН ПОВИК ЗА МЛАДИ ЗА КРЕИРАЊЕ ВИДЕОИГРИ НА ТЕМА ЕКОЛОГИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Објавен е повик за млади од 10 до 18 години за подготовка на концепт за видеоигра на тема „Зачувување на животната средина“. Повикот го објави Унијата на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии УМПАКИ, во рамките на проектот „Видео игротека“.

„Екологијата е тема која е актуелна, а етичкиот однос кон животната средина е клучен за развој на едно општество, култура и економија. Истовремено, младите се учат како да ги користат новите технологии на креативен начин“, велат од Унијата.

Учесниците ќе треба да осмислат концепт за игра и да приложат минимум пет слики и нацрти за неа. Идеите ќе ги оценува стручно жири составено од програмери, гејмери и професори, а најдобриот концепт ќе биде награден со професионални гејмерски слушалки. Право да учествуваат имаат и тимови и индивидуалци кои можат да аплицираат најмногу со по два концепта. Предлозите се испраќаат на [email protected] најдоцна до 18 октомври.