ФЕСТИВАЛОТ ДЕНОВИ НА КОМЕДИЈА ВО КУМАНОВО СЕ ОДРЖУВА СО МАЛКУ ПУБЛИКА И ГРАТИС БИЛЕТИ

Куманово, (СМАРТ СДК.МК)

Посетителите на меѓународниот театарски фестивал Денови на комедија во Куманово оваа година гратис ги добиваат билетите за претставите. Поради ограничениот број на места, Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ одлучи влезниците да не ги пушта во продажба, туку да ги подели бесплатно на оние граѓани кои ќе се пријават на неговата страница на Фејсбук. Салата која има 677 места, поради новите протоколи, сега може да прими само 100 посетители.

„Ние имаме многубројна публика и секогаш се бара карта повеќе. Секоја година, за еден до два дена ги продававме билетите за сите претстави. И оваа година интересот е огромен и се пријавуваат многу граѓани, но делиме по два билета на најсреќните по случаен избор“, вели директорот на Центарот за култура, Сашо Тодоровски.

Фестивалот на комедијата се одржува по 23. пат, но оваа година со скратена програма и под посебни протоколи за заштита. Организаторите велат дека не сакале да ја прекинат традицијата и вложиле големи напори да обезбедат гости и од странство, па во програмата се и претстави од БиХ, Бугарија и Србија.

Од оваа година ќе се доделува наградата „Васил Иљоски“ на актери кои дале особен придонес во културата и актерската игра. Првиот добитник е актерката Шенка Колозова.

Фестивалот го отвори претставата „Меѓуигри 0-24“ на босанскиот актер Зијах Соколовиќ, а вечерва на програмата е „Фанови“, во продукција на „УГД“ Штип.

С. НИКОЛИЌ