ПО ЕПИЗОДАТА СО АКСЛ РОУЗ, „ЕЈ-СИ/ДИ-СИ“ ГО ПОТВРДИ ВРАЌАЊЕТО НА КЛАСИЧНАТА ПОСТАВА

Сиднеј, (НМЕ)

Легендарниот австралиски хард рок бенд „Еј-Си/Ди-Си“ го потврди враќањето на својата класична постава, по епизодата со пејачот на „Ганс ен роузис“, Аксл Роуз.

Групата веќе неколку недели го навестуваше својот камбек преку социјални мрежи, огласи во весници и постери и се очекува наскоро да најави и нов албум, кој наводно е веќе снимен.

Откако во 2016 ја напушти групата поради проблеми со слухот и беше заменет со Аксл Роуз на светската турнеја, Брајан Џонсон се враќа како пејач, исто како и тапанарот Пол Рад и басистот Клиф Вилијамс, кој пред четири години објави дека се пензионира. Рад замина една година претходно поради честите проблеми со законот.

Гитарскиот тандем останува непроменет и го сочинуваат Ангус Јанг и неговиот внук Стиви, кој дојде на местото на чичко му Малколм.