УЛТРАВИОЛЕТОВАТА ЌЕ БИДЕ БОЈА НА 2018

Њујорк, (АП)

2018 година ќе биде година на ултравиолетовото. Барем така смета Институтот за бои „Пантон“, кој денеска ја избра ултравиолетовата за боја на годината.

„Таа не беше избрана затоа што е кралска боја, иако има величествена нијанса. Таа е избрана како асоцијација на контракултурата, за да поттикне оригинално, визионерско размислување. Живееме во сложени времиња и гледаме дека кај луѓето постои страв од одење напред“, кажа потпретседателката на „Пантон“, Лори Пресман.

Таа вели дека ова не се однесува на политика.

„Бојата се однесува на домашен дизајн, индустриски простори и производи, мода, уметност, храна, ја рефлектира идејата да се живее без какви било ограничувања“, појасни Пресман.

Ултравиолетовата ја наследува зелената како боја на годината.

„Таа е многу оптимистичка, но и моќна боја. Нѐ асоцира на Принс и на Дејвид Боуви, а тоа значи бунтовнички дух“, додава Пресман.