РЕВИИ НА МЛАДИ ДИЗАЈНЕРИ И ПОЗНАТИ ФИРМИ ЗА ТЕКСТИЛ НА ШТИПСКИТЕ ДЕНОВИ НА МОДАТА

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Третото издание на модниот фестивал „Штипски денови на модата“ започна вчера (17 април) со осум модни ревии, од поголемите конфекциски фирми од Штип. Се одржаа и ревии на студентите од државните и приватните универзитети во Македонија.

Настанот привлече големо внимание, особено кај младата публика.

„Заради поттик и стимулација на младите дизајнери, студентот кој ќе ја добие наградата за најдобар моден дизајн ќе учествува на следниот моден фестивал во Штип наесен со цела своја колекција“, рече Вишна Шорова-Ангелова, координатор од Општина Штип, организаторот на настанот.

Фото: Т.Јовановски

Студентите по моден дизајн, под менторство на своите професори, се претставија со креации инспирирани од електричното возило „Киа ЕВ“, со современи материјали, модерен дизајн и иновативен пристап.

Своја ревија имаше и модната дизајнерка Стефанија Насеска, со колекцијата „Стоби“, инспирирана од истоимениот археолошки локалитет и неговите артефакти. Преку внимателно изработени креации, таа ја долови врската помеѓу минатото и современоста.

За разлика од претходните две изданија, кои се одржаа во поранешните хали на ПИ „Македонка“, годинава ревиите се организираат на реновирана тераса во Трговскиот центар.

Програмата продолжува денес (18 април) од 12 часот со самостојни ревии на дизајнери од модните конфекции, а од 19 часот ќе има ревии на  „Линеа“, „Фокабо“ и „Астибо“.

Т. ЈОВАНОВСКИ