Канадската дебитантка Иман Велани (18) ќе ја глуми суперхероината Госпоѓица Марвел во нова серија што ќе се снима за стриминг сервисот „Дизни+“. Според холивудските медиуми, овој лик ќе се појави и во идните филмови на „Марвел“.
Госпоѓица Марвел е алтер егото на пакистанско-американската тинејџерка Камала Кан, која е фан на други суперхерои. „Марвел“ појаснува дека овој лик има „нечовечка способност да ги менува своите облик и големина“.
Додека Филмскиот универзум на Марвел влегува во својата четврта фаза, „Дизни“ се обидува да им даде повеќе различности на своите ликови. Госпоѓица Марвел е првиот суперхерој на „Марвел“ со муслиманско потекло и првпат се појави во стрип во 2013 година.