НАД 14 МИЛИОНИ ТОНИ ПЛАСТИКА ЛЕЖАТ НА ДНОТО НА ОКЕАНИТЕ, ВЕЛИ НОВО ИСТРАЖУВАЊЕ

Сиднеј, (Гардијан)

Најмалку 14 милиони тони пластика, што вклучува и парчиња помали од пет милиметри, лежат на дното на океаните, процени ново истражување. Анализата на океански талози земени и на три километри длабочина сугерира дека на дното на океаните би можело да има 30 пати повеќе пластика отколку на нивната површина.

Истражувањето било спроведено од Австралиската научна агенција ЦСИРО, која собрала и анализирала примероци од океанското дно од шест далечни локации, 300 километри од источниот брег на земјата. Откако ја исклучиле тежината на водата, било утврдено дека секој грам од талогот во просек содржи 1,26 парчиња микропластика.

Микропластиката има дијаметар од пет или помалку милиметри и најчесто се создава како резултат на кршењето на поголеми пластични предмети.

Споредувајќи ги своите податоци со оние на други организации, австралиските истражувачи заклучиле дека на дното на светските океани има околу 14,4 милиони тони пластика.

„Ова можеби изгледа како огромна бројка, но е мала во споредба со количеството пластика што секоја година влегува во океаните“, вели Дениз Хардести, научен истражувач од ЦСИРО и коавтор на студијата.