Локалните танчарки седат во празните барови наредени долж пустите улици, базените се празни, а вообичаено преполните плажи се толку тивки, што ретки видови на морски желки доаѓаат да се гнездат.
Минатата година, Пукет го посетиле над девет милиони туристи, што овој рајски остров го прави втората најпопуларна дестинација во Тајланд, по главниот град Бангкок. Пукет сега се бори со уништувачките последици на пандемијата на коронавирусот: речиси 3.000 хотели се затворени, а главниот град Патонг е град на духови.
Тајланд досега не беше тешко погоден од пандемијата, регистрирајќи околу 3.600 заразени и неколку десетици починати, но одлуката на властите да се сконцентрираат на скротувањето на вирусот брутално се одрази врз економијата и остави милиони луѓе без работа. Во нормални околности, 80% од приходите на островот доаѓаа од туризмот, сектор кој вработува над 300.000 луѓе.
Сопственичката на бар Оратаи Сидел вели дека на врвот на сезоната заработувала 3.200 долари месечно. Сега кога нејзиниот бизнис стана жртва на пандемијата, таа продава колачи од улично возило и заработува три долари на ден.
„Се трудиме да преживееме“, вели таа.
Пред пандемијата, домашните гости сочинуваа само 30% од посетителите на Пукет, што ја принудува локалната туристичка индустрија да го преиспита својот бизнис модел.
„Ситуацијата е полоша од онаа после цунамито во 2004 година. Не очекувам враќање во нормала барем три години“, смета аналитичарот Конгсак Копонгсакорн.