НАЈСКАПАТА СЛИКА НА СИТЕ ВРЕМИЊА ЈА КУПИЛ САУДИСКИОТ ПРИНЦ

Абу Даби, (Гардијан)

Разузнавачките служби на САД го идентификувале саудискиот принц Моамед бин Салман како купувачот на најскапата слика на сите времиња.

Американците утврдиле дека сликата ја купил моќниот наследник на саудиската круна, Моамед бин Салман (Фото: Ројтерс)

Делото на Леонардо да Винчи „Исус спасителот“ беше продадено за 450 милиони долари на аукција во Лондон минатиот месец и името на победникот во историското наддавање тогаш не беше објавено.

Сѐ до оваа недела, кога се дозна дека сликата, наводно, ја купил Бадер бин Абдула, малку познат саудиски принц, кој од Бин Салман беше назначен да раководи со антикорупциска комисија, која на 159-мина бизнисмени, вклучувајќи и членови на кралското семејство, им одреди притвор во хотел со пет ѕвезди.

Сепак, вистинскиот купувач на сликата бил моќниот наследник на круната, Бин Салман, додека Бин Абдула дејствувал само како посредник.

Најскапата слика на сите времиња ќе биде изложена во неодамна отворениот музеј „Лувр“ во Абу Даби.