НЕОБЈАВЕНА И ПОМАЛКУ ПОЗНАТА ФИЛМСКА МУЗИКА НА МОРИКОНЕ ЌЕ СЕ НАЈДЕ НА НЕГОВИОТ ПРВ ПОСМРТЕН АЛБУМ

Рим, (Вараети)

Досега необјавени композиции ќе се најдат на првиот посмртен албум на Енио Мориконе, што ќе излезе на 6 ноември, неколку дена пред она што ќе беше негов 92. роденден. Колекцијата насловена „Тајниот Мориконе“ ќе содржи 27 композиции, напишани во периодот од крајот на 1960-ите до почетокот на 1980-ите, од кои седум претходно необјавени.

Компилацијата ќе биде составена од помалку познати експериментални и иновативни филмски композиции, кои, како што вели неговиот син Андреа, ќе покажат дека Мориконе отсекогаш бил пред времето.

„Тоа се прекрасни композиции. Ова не е Мориконе од неговите најпознати филмови. Тие главно се напишани за филмови кои не биле многу успешни, но тоа не значи дека таа музика е помалку важна“, вели Андреа Мориконе.

Во текот на својата седумдецениска кариера, Мориконе напишал музика за повеќе од 500 филмови и ТВ-серии.