НОВИТЕ ЕПИЗОДИ НА „ДАЈТЕ МУЗИКА“ ПОЧНУВААТ НА 4 НОЕМВРИ НА МТВ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На 4 ноември на првиот канал на Македонската радиотелевизија (МРТ) ќе почнат да се прикажуваат 30 нови епизоди од детското музичко-забавно шоу „Дајте музика“. Серијалот се работи како копродукција на МРТ и продукцијата „Рифенштал“, Цаци Паковска е авторка и продуцентка, а режисер е Марко Ѓоковиќ. Учествуваат 40-ина деца актери, најголем дел од актерската школа на Весна Петрушевска, а голем дел дојдоа преку јавниот повик за млади таленти.

Реализацијата на продолжението на проектот „Дајте музика 2020“ започна откако Комисијата за заразни болести го одобри протоколот за работа, а се следеа и препораките на Асоцијацијата на европски филмски агенции, како и прописите на Законот за безбедност и заштита при работа.

Од продукцијата велат дека сите учесници биле тестирани за ковид-19 и согласно препораките, уредно се придржувале кон мерките за изолација за целото времетраење на снимањата.

Учествуваат 40-ина деца-актери, најголем дел од актерската школа на Весна Петрушевска (Фото: МРТ)

„Предизвикот беше огромен! Од една страна, имавме проект кој за неполна година достигна близу 14,5 милиони прегледи и над 25.000 претплатници на Јутјуб, прекрасна идеја за нови продолженија, ентузијастички расположен тим и огромна желба за работа. Од друга страна, бевме соочени со опасностите при работа во услови на пандемија. Наш приоритет беше да го комплетираме проектот здрави, во што и успеавме“, вели Паковска.

Во новите 30 епизоди ќе има 30 музички спотови, од кои 19 се снимени на надворешни локации.