Со музика од Бранислав Николов и Гоце Јованоски, поезија од Дејан Трајкоски и сцени од филмови на Вим Вендерс и Роберто Бењини, вечерва од 20 часот во Европска куќа во Скопје ќе се одржи проектот „Реобмислување на европски режисери: филм, музика и поезија“.
Интердисциплинарниот проект подразбира фузија на поезија, филм и музика. Се работи за три песни инспирирани од сцени од филмовите „Париз, Тексас“ и „Хотел од милион долари“ од Вим Вендерс и „Тигарот и снегот“ од Роберто Бењини.
Поезијата на Трајкоски ќе ја изведува Николов, кој ја направи музиката заедно со Јованоски, инспирирана од оригиналните филмски композиции, а сето тоа е вклопено со филмските сцени. Видео и аудиомонтажата се на Гоце Јованоски. Настанот ќе може да се проследи во живо преку стриминг на следниот линк.